Citroen SpaceTourer, Peugeot Traveller и Toyota Proace

Простор и комфор без ограничувања

Време е да се запознаеме и со новите доставни возила на Peugeot, Citroen и Toyota


Направени како заеднички проект на PSA и Toyota, доставните Citroen SpaceTourer, Peugeot Traveller и Toyota Proace веќе се подготвени за пазарно лансирање. Нивното прво запознавање со јавноста се случи минатиот месец на салонот во Женева, каде посетителите имаа можност да се уверат во сличностите и запознаат со меѓусебните разлики. А нив и ги нема така многу и главно се козметички кои ги диференцираат како модели од различни марки. Димензиите, механиката и погонските групи се исти, но изборот на опрема со кои ќе се нудат благо различни.

peugeot_traveller_1602styp019_jpg

Во поглед на деталите и спецификациите, Citroen прв повлече нога и ги објави основните информации кои слободно можеме да ги третираме како заеднички за ова модерно возило полно со карактер. Тоа е поставено на EMP2 платформата на PSA и ќе доаѓа со две меѓуоскини растојанија (од 2.925 и 3.275 mm) и три верзии – XS, M и XL. Нивната должина ќе изнесува 4,60, 4,95 и 5,30 метри, а соодветно на тоа ќе располагаат со простор за товар од 2, 2,4 и скоро 3 кубни метри. Во зависност од изведбата ќе може да собере до девет луѓе, чиј пристап е олеснет со автоматизираните странични врати. На располагање ќе биде во две линии на персонализација. Првата изведба повеќе ќе им прилега на големите семејства или друштва за чие уживање во возењето ќе се грижи модуларниот ентериер со лизгачки и преклопливи седишта. Втората е наменета за бизнис патувања и според тоа ќе биде опремувана. Заеднички и за двете ќе бидат отворањето на лизгачките врати без раце – со мавтање на ногата под браникот, можноста за отворање на задното стакло за полесно товарање и слични работи кои се очекуваат да се најдат во оваа класа возила. Тоа што не се очекува а ќе се најде во внатрешноста се кожениот ентериер, 7-инчниот таблет со кој ќе се контролираат аудио системот, навигацијата и телефонските функции, потоа head-up дисплејот, Park Assist системот, автоматските долги светла и други вакви нешта преземени од светот на автомобилите.

peugeot_traveller_1602styp017_jpg

Списокот на безбедносни системи е долг и затоа ќе го прескокнеме и директно ќе отидеме кај моторите, кои ќе ги има четири. Сите се дизел од BlueHDi генерацијата, со максимални 95, 115, 150 и 180 коњски сили и сервисни интервали продолжени на 40.000 километри или две години. Во зависност од моторот трансмисијата ќе биде со пет или шестстепен мануелен, автоматизиран или автоматски менувач, а старт-стоп системот нема да биде на располагање само кај најосновната изведба. Плус на тоа, во прес соопштенијата се споменува компатибилност на задното ослонување со 4×4 погонот на партнерот на PSA од оваа област, Automobiles Dangel. EuroNCAP веќе ги тестираше и очекувано добија пет ѕвездички за безбедност на патниците. Сите три возила ќе се произведуваат во фабриката Sevel Nord во Франција, која има капацитет од 200.000 возила годишно. Секако, апсурдно е да се очекува дека нивната продажба ќе достигне толку, но половината од тоа се чини како реална бројка. Деталите за товарните верзии на овие три возила ќе бидат објавени подоцна, исто како и датумот на нивното пазарно лансирање.

CL 16.010.010